Македонија нема да ја загуби препораката, но ќе добие силна порака за политичкиот дијалог

07.10.2014 16:49

Дипломатите брифираат дека утре ќе има силна порака за продолжување на политичкиот дијалог и оти бојкотот не е демократско решение. Се очекуваа позитивни оценки за реформите во судството и јавната админитсрација, како и за економските политики...

Брисел го подготви извештајот за напредокот на земјите канидати за членство во Европската унија. Официјално ќе биде објавен утре од страна на еврокомесарот во заминување, Штефан Филе. Во меѓувреме, дипломати брифираат дека Македонија по шестти пат ќе ја добие препораката за започнување на преговорите, но земјата ја чека многу работа. Започнатите реформи во судството треба да продолжат. ЕУ дипломатите како главна забелешка го посочуваат политичкиот дијалог. Велат дека тој треба итно да продолжи и дека бојкотот не е добра политичка опција и не е добар пат кон ЕУ.

Оптимизам за проширување кон Европското семејство има еврокомесарот во заминување Филе.

„Следните пет години ќе бидат важни да се одржи моментумот во проширувањето, да донесат поголема сигурност и стабилност во соседството, кое многу повеќе од порано е предмет на различни наметнувања и притисоци. Овој извештај е наш придонес не само во борбата со замореноста од проширувањето, туку и замореноста во реформите. Се работи за тоа како да се вклучат владите, како да се убедат граѓаните дека ќе ги почувствуваат придобивките на процесот на проширување. Не само на крајот на процесот, туку и за време на процесот“, изјави еврокомесарот во заминувње, Штефан Филе.

Иако неофицијално, во новиот извештај на Европската комисија, Македонија по шестти пат ќе ја добие препораката за отпочнување на преговорите со ЕУ, во Брисел никој не се сомнева дека на декемврискиот самит повторно ќе бидеме блокирани од страна на Грција.

Потребна е политичка волја за решавање на прашањето со ФИРОМ, објасни новата висока претставничка за надворешна политика и безбедност на Унијата, Федерика Могерини, на сослушувањето пред  Комитетот за надворешни работи во Европскиот Парламент, вчера доцна во Брисел.

Могерини смета дека проширувањето треба да продолжи, тоа ќе доведе до политичка стабилност, но и до економски развој.

На неформалниот брифинг со новинарите, од Европската комисија најавија дека Република Македонија може да очекува отпочнување на преговори при завршувањето на мандатот на новиот европски естаблишмент.

 

Билјана Василева Трендафилова, специјален дописник на МРТ од Брисел