Национална стратегија за туризам 2027–2032: Фокус на одржлив развој и поконкурентна туристичка понуда
Подолг престој на туристите, развој на регионите, подобар квалитет на услугите и поголеми економски придобивки за локалните заедници се дел од целите на новата Национална стратегија за туризам 2027–2032. На завршната јавна расправа, министерот Седат Сулејмани истакна дека амбицијата е земјава да стане меѓународно конкурентна туристичка дестинација.

Во Музејот на македонската борба денеска се одржа завршната јавна расправа за Нацрт-националната стратегија за туризам 2027–2032, во организација на Министерството за култура и туризам. На расправата беа разменети мислења, предлози и препораки за идниот развој на туристичкиот сектор.
Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани истакна дека целта на стратегијата не е само зголемување на бројот на туристи, туку создавање поголема вредност за посетителите, бизнисите и локалните заедници.
Според него, приоритети се продолжување на туристичката сезона, збогатување на понудата, подобрување на квалитетот на услугите и промоција на природното и културното наследство.
Сулејмани нагласи дека за успешна реализација на стратегијата е неопходна координација меѓу институциите, локалната самоуправа и приватниот сектор.
Поддршка за развојот на туристичкиот сектор изрази и швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер. Тој ја истакна важноста на одржливиот туризам, заштитата на природното и културното наследство и создавањето конкретни придобивки за локалните заедници и бизнисите.
Најави и продолжување на швајцарската програма ИМЕ, која ќе помогне во спроведувањето на стратегијата, меѓу другото, преку развој на интегриран систем за е-туризам и зајакнување на капацитетите на Министерството за следење на нејзината реализација.
Нацрт-стратегијата ја презентираше професорот Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Документот е усогласен со Националната развојна стратегија 2024–2044 и Европската агенда за туризам 2030.
Нацрт-стратегијата, заедно со Акцискиот план и индикативниот финансиски план за периодот 2027–2029 година, е објавена на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
