Регион

Србија на 27 декември ќе избира претседател, се очекува кандидатот на Студентската листа

26.11.2026 17:48

Претседателот на српското Собрание, Александар Чупиќ, ги распиша претседателските избори за 27 декември. Во очекување на кандидатот на Студентската листа, неизвесно е дали на изборите ќе се кандидира и поранешниот претседател Александар Вучиќ.

По месец дена од парламентарните избори, денеска претседателот на српското Собрание, Александар Чупиќ, распиша претседателски избори за 27 декември.

„Градењето демократски институции е задача на сите нас, особено на политичките актери и медиумите. Добрите закони се ѕидови на нашето општество, а информираните граѓани се вистинските господари на политичката заедница. Се надевам дека ќе имаме тежок избор помеѓу врвни кандидати и нивните програми. Ги повикувам сите граѓани на Република Србија да бидат одговорни и да излезат на гласачките места на 27 декември, за да може волјата на народот да произведе претседател на Републиката со силен легитимитет“, изјави Александар Чупиќ – претседател на Собранието на Р. Србија.

За да биде избран претседател, кандидатот мора да освои повеќе од половина од важечките гласови, а доколку никој не го постигне тоа во првиот круг, се одржува втор круг помеѓу двајцата кандидати со најмногу гласови.

Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ го скрати својот мандат и поднесе оставка на 27 септември за да учествува на парламентарните избори.

Набргу ќе се знае идниот кандидат на Студентската листа за претседател на Р. Србија, кој има огромни можности да победи со оглед на премислувањето на Александар Вучиќ дали да излезе на изборите. Во тек се и подготовките околу одредувањето на приоритетите и целите на идните министерства и кандидатите за министри и премиер на Србија.  

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ