Македонија, Албанија и Црна Гора ќе добијат дополнителни средства од Планот за раст
Како држава продолжуваме да испорачуваме проекти, што се дел од реформската агенда, вели премиерот Мицкоски. По самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, шефот на владата изјави дека очекува и со декемврискиот извештај да бидеме повторно најдобри, но и да нема билатерализација во интегративниот процес. Македонија, Албанија и Црна Гора ќе добијат дополнителна финансиска помош. За нас ќе има зголемување од 10 проценти, на веќе добиените 750 милиони евра.

Регионалната соработка, помирувањето, добрососедските односи, но и спроведувањето на меѓународните договори, со добра волја и со конкретни резултати, се клучни за градење заедничка иднина. Европската Унија во декларацијата по самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел повторно ја нагласи важноста на спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Како држава продолжуваме да испорачуваме проекти што се дел од реформската агенда, вели премиерот Мицкоски. Очекува и со декемврискиот извештај повторно да бидеме најдобри, но и да нема билатерализација во интегративниот процес.
Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, најави дополнителна финансиска помош за Албанија, Црна Гора и за Македонија од 338 милиони евра, која ќе биде доставена во следните недели. За државава ќе има зголемување од 10 проценти на веќе добиените 750 милиони евра. Во декларацијата, со која се усогласија петмина лидери од земјите од Западен Балкан, се бара забрзување на реформите и исполнување на преземените обврски. Меѓу конкретните придобивки од постепената интеграција во единствениот европски пазар е и укинувањето на дополнителните трошоци за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан.
ЕУ ги повикува земјите од регионот да го забрзаат спроведувањето на реформите за максимално да ги искористат средствата од Планот за раст за Западен Балкан, со кој се предвидени до шест милијарди евра за реформи и инвестиции.
Милчо Велески
