Собрание

Алта банка, економијата и правосудниот испит во фокусот на пратеничките прашања

26.11.2026 16:32

Опозицијата ја обвини Владата за лошата економска состојба и отвори прашања за влезот на Алта банка во земјава. Премиерот Мицкоски одговори со податоци за економскиот раст, а на седницата се дискутираше и за правосудниот испит, тарифите на ЕВН, брзите кредити и мерките за младите и студентите.

Неконзистентност во ставовите и надворешната политика, катастрофалната економска состојба и Алта банка беа дел од прашањата на опозицијата.

Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека бројките се немилосрдни, имајќи ја предвид почетната состојба што ја остави претходната Влада, па сепак, вели тој, постигнат е економски раст од над 3 проценти.

„Економијата е катастрофа, вртоглаво растат цените последниве две години, вие немате инфраструктурни проекти, се шлепате на нашите кои ги нарекувавте криминални. Тие ја движат економијата. И на сето тоа, ја носите Алта банка. Ги загрозивте парите на граѓаните. Моето прашање е: Со кого го направивте дилот за влез на Алта банка во Македонија“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„И да, таа ниска основа со која што се споредуваме, криминална, предавничка, анационална, ненародна итн. Ние имаме раст во економијата, да речеме, во 2024 година од 3,8% реален, во 2025 година исто така 3,8%, а просекот во првата половина од оваа година е 3,7%, со тоа што во вториот квартал е 4,3% реален раст, а номиналниот е помеѓу 7 и 8%“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.

Скендер Реџепи од Алијансата повторно го отвори прашањето за потребата од закон за правосудниот испит, оценувајќи дека уставно загарантираното право се сведува на дневна политика. Премиерот Мицкоски со став дека се чека мислењето на Венецијанската комисија за тоа прашање и очекува пратениците да покажат демократски капацитет и истото да го почитуваат.

Тарифите на ЕВН, предлогот за измени и дополнувања на Законот за игрите на среќа, брзите кредити, мерките за младите и студентите беа теми за кои се интересираа пратениците на седницата резервирана за пратенички прашања.

Марина Стојанова- Тонева