Жестоки напади пред зимата во Украина - дипломатските напори за крај на војната продолжуваат
Војната во Украина продолжува, а руските напади врз енергетската инфраструктура ја влошуваат состојбата пред зимата. Најтешко е во Дњепропетровскиот регион и Запорожје, каде што има прекини во снабдувањето со електрична енергија. Паралелно со борбите, продолжуваат и дипломатските напори.

Војната во Украина продолжува, а руските напади врз енергетската инфраструктура ја влошуваат состојбата пред зимата. Најтешко е во Дњепропетровскиот регион и Запорожје, каде што има прекини во снабдувањето со електрична енергија. На удар на руските дронови и цивилни објекти во повеќе украински региони..
„Последниве неколку дена имавме струја најмногу пет часа. Имаме два часа, па осум часа немаме. Навистина ми е студено. Многу студено“, вели Дарина Кулчицка, Украинка.
„Нема светлина, нема вода, нема греење, нема струја“, вели Кирил Кулчицки, Украинец.
Киев возвраќа со напади врз руски воени и енергетски објекти. Зеленски потврди дека украинските дронови погодиле руски воен аеродром..
„Нашите беспилотни летала погодија руски воен аеродром. Токму аеродромот од кој полетуваат авионите за да уништуваат животи во Украина. Во моментов ја проценуваме причинетата штета“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Паралелно со борбите, продолжуваат и дипломатските напори. Зеленски очекува Вашингтон да одреди датум за нова средба на преговарачките тимови, со учество на европски претставници. Москва, меѓутоа, бара најпрво да се разјасни улогата на Европа во преговорите.
„Мораме најпрво да разбереме каква улога сака да има Европа во преговорите. Ако руските интереси не смеат да бидат земени предвид, тогаш зошто воопшто да водиме такви преговори?“, посочи Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Вашингтон и генералниот секретар на НАТО, Руте, по средбата во Флорида во заедничка порака ја повикаа Москва да избегнува потези што би довеле до намерно или ненамерно проширување на војната надвор од Украина, повикувајќи на брзо мирно решение. Кремљ возврати со обвинувања кон Киев.
„Сведоци сме на терористичка активност на режимот во Киев во Средоземното Море и во Балтичкото Море. Никој не сака географско проширување на конфликтот, а овие активности се потенцијално многу опасни“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Паралелно, во Брисел европските лидери преговараат за новиот седумгодишен буџет на Унијата, при што финансирањето на Украина во 2027 година се наметнува како една од главните точки на несогласување. Додека дел од земјите инсистираат поддршката за Киев да биде дел од заедничкиот европски пристап, други се противат таа да се поврзува со финансирањето на земјите членки.
„За мене постои поврзаност меѓу нашата поддршка за Украина и европскиот буџет. Минатата година моравме да постигнеме компромис, но не гледам можност тоа да се повтори и оваа година“, истакна германскиот канцелар, Фридрих Мерц.
„Не се согласуваме со предлогот финансирањето на Украина да се поврзе со финансирањето на земјите членки на Европската Унија“, изјави чешкиот премиер, Андреј Бабиш.
Спротивставените позиции покажуваат дека преговорите за идните финансиски приоритети на Унијата, вклучително и поддршката за Украина, ќе бидат сложени.
Бојана Крстевски
