Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид
Лидерите од Западен Балкан денеска во Охрид ќе разговараат за регионалната соработка, стабилноста и европската перспектива на регионот. Домаќин на состанокот е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а коорганизатори се претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц-Мусар и Зоран Милановиќ.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид ќе биде домаќин на состанокот на лидерите од Процесот Брдо – Бриони. На регионалниот состанок ќе учествуваат претседателите на Албанија, Бајрам Бегај, Косово, Јустина Широка-Пула, Црна Гора, Јаков Милатовиќ, како и претставници на Претседателството на Босна и Херцеговина – Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ. Ќе присуствува и вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ.
Според агендата, состанокот ќе се одржи по официјалниот пречек на лидерите и ќе трае околу час и половина. Потоа е предвидена заедничка прес-конференција на Сиљановска-Давкова, Пирц-Мусар и Милановиќ.
Во рамки на посетата, македонската претседателка ќе оствари и билатерални средби со претставниците на Босна и Херцеговина, претседателката на Косово и вршителот на должноста претседател на Србија.
Синоќа, во организација на Сиљановска-Давкова, се одржа неформална вечера со претседателите на државите учеснички во Процесот Брдо – Бриони, на која присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски. Како што објави тој на својот профил на „Фејсбук“, во фокусот на разговорите биле регионалната соработка, добрососедските односи, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан.
Процесот Брдо – Бриони е регионална иницијатива воспоставена во 2013 година од Словенија и Хрватска, со цел забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и стабилноста. Во иницијативата учествуваат Македонија, Словенија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
