Здравство

Зголемен бројот на заболени од грип – 188 нови случаи за една недела

27.11.2026 12:49

Бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип во Македонија бележи раст. Во периодот од 16 до 22 ноември се регистрирани 188 нови случаи, што е за 22,1 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Од почетокот на сезоната се евидентирани вкупно 797 заболени, информира Институтот за јавно здравје.

Во текот на 47-та извештајна недела, од 16 до 22 ноември, во Македонија се пријавени 188 случаи на грип и заболувања слични на грип. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, тоа е зголемување од 22,1 отсто во споредба со претходната недела, кога биле регистрирани 154 случаи.

Најмногу заболени има во Скопје – 40, Куманово – 32, Дебар и Радовиш по 17, Тетово – 13, Охрид и Прилеп по 11 и Струга – 10 случаи.

Најзастапена е возрасната група од 15 до 64 години, со 113 заболени. Регистрирани се и 29 лица над 65 години, 28 деца на возраст од пет до 14 години и 18 деца до четиригодишна возраст.

Лабораториските анализи потврдиле 17 позитивни примероци на грип, од кои 13 се Influenza A – несубтипизирани, а четири се Influenza A(H1)pdm09. Регистрирани се и шест позитивни резултати на Ковид-19, додека нема лабораториски потврдени случаи на респираторниот синцицијален вирус (RSV).

Од почетокот на сезоната 2026/2027, вкупниот број заболени од грип и заболувања слични на грип достигна 797, што е за 20,4 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата сезона.

Најголем кумулативен број заболени е регистриран во Тетово – 211, додека највисока кумулативна инциденца има во Радовиш.

И покрај зголемувањето на бројот на случаи, ИЈЗ оценува дека активноста на грипот на национално ниво сè уште е ниска, односно сезонска, но вирусот има регионална распространетост.

Вакцинацијата против сезонски грип почна на 21 октомври. Досега се вакцинирани 33.594 лица од ризичните категории со бесплатни вакцини. Закажувањето се врши преку веб-страницата vakcinacija.mk.