Конференција на РСБСП

Тошковски: Направивме огромен исчекор во сообраќајната безбедност

27.11.2026 14:56

Бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален, но секоја жртва е премногу – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Втората национална конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на Втората национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Во фокусот на конференцијата беа размената на искуства, меѓуинституционалната соработка и спроведувањето на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот 2026–2030 година, со посебен акцент на улогата на општините.

Тошковски истакна дека во изминатите три години е направен значителен напредок во сообраќајната безбедност, но дека институциите мора да продолжат со уште поголема посветеност.

Според него, во изминатите 35 години во сообраќајни несреќи годишно во просек гинеле околу 150 лица, додека од почетокот на годинава до денеска животот го загубиле 85 лица. Нагласи дека секој загубен човечки живот е премногу и дека е неопходен заеднички пристап на централната и локалната власт, институциите и граѓаните.