Невработеноста намалена за 2,4 проценти на годишно ниво
Бројот на вработени бележи зголемување од 0,4 проценти во споредба со третото тримесечје од минатата година. Стапката на активност изнесувала 52,4 проценти, а стапката на вработеност 46,5 проценти.

Во третото тримесечје од 2026 година во земјава имало 89.593 невработени лица, а стапката на невработеност изнесувала 11,2 проценти. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на невработени е намален за 0,5 проценти во споредба со претходното тримесечје, односно за 2,4 проценти во однос на истиот период лани.
Активното население во овој период броело 797.775 лица, од кои 708.182 биле вработени. Бројот на вработени бележи зголемување од 0,4 проценти во споредба со третото тримесечје од минатата година. Стапката на активност изнесувала 52,4 проценти, а стапката на вработеност 46,5 проценти.
Од вкупниот број невработени, 62,1 процент се мажи, а 37,9 проценти жени. Кај вработените, мажите учествуваат со 57,6 проценти, а жените со 42,4 проценти.
Во третото тримесечје биле регистрирани 103.177 неформално вработени лица, што е зголемување од 2,1 процент во однос на претходното тримесечје. Најголем дел од нив, односно 56,4 проценти, работеле во земјоделството, шумарството и рибарството, додека 16 проценти биле ангажирани во градежништвото.
Според статистичките податоци, сезонските активности во овие дејности имаат значително влијание врз кварталните промени на неформалната вработеност.
