Охрид

Одложено судењето за претепувањето на Сара Ѓорѓиоска

27.11.2026 16:53

Се одложи рочиштето на кое требаше да му се суди на охриѓанецот Кристијан Корабоски за бруталното претепување на 26-годишната Сара Ѓорѓиоска. Таа со модринки на лицето се појави во судницата за да се соочи со насилникот. Корабоски не беше во судницата – откако неговата одбрана побара изземање на обвинители и судии, адвокатот на девојката обвини за одолговлекување на процесот. Корабоски е обвинет за нанесување телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста на Ѓорѓиоска.

Сара Ѓорѓиоска со модринки на лицето се појави во судницата, но не и нејзиниот напаѓач. Поради низата барања на адвокатите на Кристијан Корабоски за изземање од судскиот процес – најнапред на судечкиот совет, потоа на претседателот на охридскиот кривичен суд, а на крајот и на сите обвинители од охридското обвинителство – беше одложен почетокот на судењето за претепувањето на 26-годишната девојка. Сега, за барањата треба да се произнесат Вишото јавно обвинителство и Апелацискиот суд во Битола.

Според адвокатот на девојката, ова е обид за одолговлекување на процесот.

Кристијан Корабоски е обвинет за три дела: нанесување телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според обвинението, на 15-ти овој месец започнал расправија со Сара Ѓорѓиоска во неговиот дом, а потоа во автомобилот ја нападнал девојката, ја изнел од возилото и продолжил да ја тепа, по што таа изгубила свест и со повреди била однесена најнапред во Општата болница, а потоа во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. На Ѓорѓиоски судот му одреди мерка притвор од 30 дена. Тој беше донесен во судот, но не и во судницата.

Настанот со претепувањето на младата Сара Ѓорѓиоска ја потресе македонската јавност, по што беа организирани и неколку протести во Скопје и Охрид против насилството врз жените и фемицидот. Следното рочиште во охридскиот суд е закажано за следниот вторник.

Миле А.Ристески