МВР

Полицајците задолжително со камери на терен - видеоповиците до ЦУК и МВР ќе важат како доказ

27.11.2026 17:08

Случајот со претепаната девојка од Охрид предизвика серија протести низ земјава поради фактот што само годинава имаше седум фемициди. Се бара заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство. Министерот за внатрешни работи, Тошковски, најави новини - жртвите ќе можат да воспоставуваат видеоповици со МВР и ЦУК. Полициските службеници до средината на идната година ќе добијат телесни камери..

Секоја жртва на семејно насилство ќе може и преку видеоповик со ЦУК и МВР да ја документира фактичката состојба, што ќе се користи евентуално како доказ во кривичните постапки.

Секоја полициска интервенција ќе биде под будното око на камерата. Полицајците задолжително ќе носат уреди за снимање  при секое службено постапување, а секој нивни чекор на терен  може да биде документиран со видеозапис. Телесните камери ќе ги добијат следната година.

Исто така, по претседателот на Собрането, Африм Гаши, втор на т.н. „ѕид на срамот“, што го иницира невладината Мрежа за заштита од дискриминација, се најде министерот за внатрешни работи, Тошковски, поради застојот во законските реформи за заштита на жените од насилство.

Осум месеци по убиствата на Ивана и Катја и формирањето на владината работна група за измени на осум закони, до Собранието се поднесени законски корекции за само еден, но ниту тие го немаат поминато пратеничкиот филтер.