Македонија

Уставниот суд го укина Колективниот договор за култура, одлуката ќе важи од април

27.11.2026 17:50

Со изведба на погребниот марш на пролетерите, вработените во културата испратија порака до Уставниот суд – да не ги загрозува веќе стекнатите работнички права. Судот го укина Колективниот договор, но со одложено дејство – одлуката ќе важи од април. Се остава време да се испреговара нов Колективен договор.

Протестот на културните работници не го спречи Уставниот суд да го укине Колективниот договор. Одлуката е со одложено дејство – се остава простор од пет месеци да се изготви нов Колективен договор. Според Уставниот суд, актуелниот Колективен договор е незаконит, бидејќи не се запазени правните аспекти. Појаснуваат дека методологијата за пресметка на платите нема законска основа, а треба да се преиспита и систематизацијата на работните места, како и коефициентите да бидат утврдени со закон.

Нема ништо спорно во паузата од 30 минути, годишниот одмор, безбедноста и здравјето при работа, надоместокот за годишен одмор, јубилејните награди, отпремнината, синдикалните организации, решавањето на спорови и арбитражата, што се дел од содржината на Колективниот договор – судијката Кацарска на расправата се произнесе против укинувањето на постојниот Колективен договор.

Синдикатот на културата е незадоволен од постапката. Реагираше дека не биле вклучени во јавната расправа за да ги изнесат аргументите. Судот го демантираше ова, образложувајќи дека учествувале во рамките на законските можности.

Културните работници стравуваа токму од промената на методологијата за пресметка на платите и укинувањето на работничките права за кои долги години се залагале.

Музичари, актери, кустоси, историчари на уметноста и други културни работници, околу 3.000 на број и исто толку семејства, се засегнати од Колективниот договор.

 

Александра Велинова