Европска унија

Самитот на ЕУ во Брисел заврши без договор за долгорочниот буџетот

27.11.2026 19:42

Пропадна вонредниот самит за седумгодишниот буџет на Унијата. На виделина излегоа различните ставови на европските лидери за големината на заедничката каса и за распределбата на парите. Нов обид за договор ќе се прави во декември

По 14 часа преговори, самитот на ЕУ во Брисел заврши без договор за буџетот на Унијата за периодот 2028–2034 година. Претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет потврдија дека разговарале за износот на буџетот, начинот на распределба на средствата и новите начини преку кои ЕУ би можела да обезбеди финансии.

„Работевме и имавме многу интересна дискусија, како на пленарната седница, така и во различни работни групи. Сепак, не постигнавме договор. Што се однесува до вкупниот обем на буџетот, некои земји-членки побараа дополнителни намалувања, додека повеќето се спротивставија на таквите кратења“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

Фон дер Лајен изјави дека лидерите постигнале напредок во однос на обезбедувањето нови средства, посочувајќи на широката поддршка за воведување данок на дигитални услуги. Сепак, таа предупреди да не се вршат преголеми кратења во буџетот. Францускиот претседател Макрон веќе сигнализираше дека е подготвен да се повлече од преговорите доколку до крајот на годината не биде постигнат договор. 

„Ја разбирам потребата од компромиси. Истовремено, мораме да останеме доследни на приоритетите за кои заеднички се договоривме во текот на изминатите години. На секој состанок на Европскиот совет повикувавме на посилно европско дејствување“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Паралелно со буџетскиот спор, без решение останува и финансирањето на Украина, во момент кога Киев инсистира на континуирана финансиска поддршка. Лидерите на Европската унија следниот месец повторно ќе разгледаат план за обезбедување заем од 45 милијарди евра за Украина, откако 24 земји-членки го поддржаа предлогот.

Маријана Димовска