Православие

Почнува Божикниот пост

28.11.2026 09:35

За православните верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почна божикниот пост, кој ќе трае 40 дена и претставува духовна и телесна подготовка за празникот Рождество Христово.

Божикниот пост секоја година почнува на 28 ноември и завршува на Бадник, 6 јануари, во пресрет на Божик - денот на Христовото раѓање.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој поминал 40 дена во пустината во пост и молитва. Божикниот пост е втор по должина, веднаш по велигденскиот, но е поблаг во однос на правилата за исхрана.

Според црковниот типик, во понеделник, вторник и четврток е дозволена употреба на масло, во среда и петок се практикува строг пост, додека во сабота, недела и на одредени празници е дозволена и риба.

Суштината на постот не е само воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. Овој период е посветен на молитва, покајание, простување, помирување со ближните и милосрдие. За време на божикниот пост и славските трпези се посни.

Божикниот пост датира од првите векови на христијанството, а се споменува во делата на светите отци од четвртиот и петтиот век. Одлуката постот пред Христовото раѓање да трае 40 дена била донесена на црковниот собор во Цариград во 1166 година.

Според црковното учење, целта на постот е духовно и телесно прочистување, ослободување од себичноста, гневот, зависта и омразата, за верниците да го дочекаат Божик со чисто срце, мир и љубов кон ближните.