Земјотрес

Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината

28.11.2026 10:32

Земјотрес со магнитуда од 4 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во соседна Грција, утрово е почувствуван во Битола, Охрид и околината.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека земјотресот е регистриран утрово во 8 часот и 47 минути од телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија.

Епицентарот на земјотресот бил на територијата на соседна Грција, на 140 километри југозападно од Скопје, со локална Рихтерова магнитуда од 4,0 степени.

Според податоците на Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и блиската околина со интензитет од III степен според Европската макросеизмичка скала.