Куманово

Врсничкото насилство сè уште предизвик

28.11.2026 11:25

Фантомки, палки, физички пресметки и психичко малтретирање - врсничкото насилство сè почесто ги загрижува институциите и образовните работници. Во Куманово годинава се регистрирани над 60 случаи. Полицијата постапува по пријавите, а училиштата и здруженијата бараат решение преку едукација, превенција и медијација меѓу учениците.

Малолетници со фантомки и дрвени палки се движеле низ Куманово. Случајот бил пријавен, а полицијата ги пронашла малолетниците, извршила разговор со нив и ги одзела предметите. Ова е една од информациите што потврдуваат дека врсничкото насилство меѓу децата сè уште е предизвик за институциите. Кумановската полиција годинава бележи 63 вакви случаи. Најголем дел од нив, 38, се случиле на улица, осум во училиште, а останатите во училишни дворови, спортски игралишта, паркови и трговски центри. Најчесто пријавите се однесуваат на физички пресметки и психичко малтретирање меѓу врсници.

„Во случај на пријава за насилство меѓу малолетници, полициските службеници постапуваат, ги известуваат родителите и сите надлежни институции за преземање на понатамошни мерки“, појаснуваат од СВР Куманово.

Препознавањето на насилството, навремената реакција и поттикнувањето дијалог во училиштата, според стручните лица, се клучни за надминување на овој проблем. Здружението „Доверба“ работи со основци и средношколци на создавање безбедна и инклузивна средина. „Училишта со глас, училишта без страв“ е нивната цел, па затоа формираа клубови за медијација.

„Важен удел имаат учениците, но и родителите, затоа со нив имавме и обуки за препознавање на знаци за насилство, начини како да комуницираат. Ако не знаат што да направат, да се обратат на возрасен, но никако да се приклучат на оние што вршат насилство, не само физичко, туку со исмевање, омаловажување, исклучување, озборување и секаков вид на психолошки притисок“, истакна Дивна Јанкова, психолог од Здружението „Доверба“ - Куманово.

Одговорноста за спречување на врсничкото насилство, велат психолозите, е заедничка - на учениците, наставниците, родителите, но и на општеството.

Елена Георгиевска