Жена се бори за живот на КАРИЛ откако била брутално претепана од сопругот
Нов случај на семејно насилство. Четириесет и шестгодишна жена е во животозагрозувачка состојба откако била брутално претепана од сопругот. Насилникот е лишен од слобода, а Обвинителството започна постапка.

На насилството му нема крај. 46-годишна жена се бори за живот на КАРИЛ, која во бессознание и со тешки телесни повреди е донесена на клиниката откако сопругот брутално ја претепал.
Насилникот, кој имал нарушено ментално здравје, е лишен од слобода, откако претходно неговиот татко пријавил дека околу 12:30 часот ја нападнал сопругата и ѝ нанел повреди со остар предмет.
Надлежните институции веќе преземаат активности за прибирање докази и целосно расчистување на случајот. Јавното обвинителство започна постапка за случајот.
„Сторителот е обезбеден и се постапува. Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство. Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, велат од Јавното обвинителство.
Од Обвинителството нагласуваат дека правната квалификација на делото ќе биде одредена согласно доказите.
Ана Јосифовска
