Патиштата низ Македонија проодни, укинати забраните за тешки товарни возила
Сообраќајот на патиштата низ државата се одвива непречено, а забраните за движење на тешки товарни возила на превојот Буково и на патниот правец Делчево - граничен премин Делчево се укинати. Од „Македонија пат“ информираат дека екипите остануваат на терен и апелираат до возачите да ја приспособат брзината на условите на патиштата.

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта во изминатото деноноќие активно работеше на одржување на безбедноста во сообраќајот и патниот сообраќај во државата се одвива непречено, се вели во соопштението на „Македонија пат“.
Во соопштението, понатаму се истакнува:
„Сите расположливи капацитети и сета механизација е ставена во функција насекаде во Македонија со цел навремено расчистување на снегот.
Укината е забраната за тешки товарни возила на патен правец Ресен -Охрид превој Буково , а укината е и забраната на магистралниот пат А3 на патен правец Делчево-Граничен премин-Делчево. Сообраќајот на овие делници се одвива непречено.
Екипите на Македонија пат остануваат на терен и апелираме возачите да го прилагодат управувањето со своите возила согласно условите на патот“.
