Зимската служба на Град Скопје на терен, превентивно се третираат улиците поради најавениот снег
Град Скопје започна со превентивно третирање на градските сообраќајници поради најавените снежни врнежи, со цел да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа преку објава на Фејсбук информираше дека екипите на зимската служба се на терен од доцните попладневни часови, при што посебно внимание се посветува на повисоките делови од градот, особено на Водно, каде што веќе паднал првиот снег.
„Не чекаме да нѐ „изненади“, делуваме пред да падне првиот снег! Уште од доцните попладневни часови, по најавите за снег, екипите на зимската служба на Град Скопје превентивно дејствуваат на скопските сообраќајници. Посебно внимание посветуваме на повисоките места, особено на Водно, каде што веќе падна првиот снег“, наведе Ѓорѓиевски.
Тој најави дека зимската служба ќе остане на терен во текот на целата ноќ за да се обезбедат безбедни и проодни улици за граѓаните во утринските часови.
„Додека снегот создава проблеми во регионот, ние остануваме на терен цела ноќ за скопјани и утре рано да тргнат по безбедни и проодни улици“, порача градоначалникот.
