УХМР

Македонија под снежна покривка: Минус шест на Попова Шапка, 28 сантиметри снег во Маврово

29.11.2026 10:38

Студено и облачно време со снежни врнежи утрово преовладува низ Македонија. Најниска температура од минус шест степени е измерена на Попова Шапка, додека највисока снежна покривка има во Маврови Анови, каде што се измерени 28 сантиметри снег. Според прогнозата на УХМР, врнежите ќе престанат кон крајот на денот.

Во Маврови Анови утрово се измерени минус пет степени, во Крива Паланка, Крушево и Лазарополе минус три, а во Берово минус два степена. Во Тетово и Куманово температурата се спушти до минус еден степен, додека во Скопје и во повеќе градови низ земјава се измерени нула степени. Најтопло утрово е во Гевгелија со три степени.

Најмногу врнежи во изминатото деноноќие се регистрирани во Пожаране, каде што наврнале 42 литри на квадратен метар, по што следуваат Демир Капија со 35 и Струмица и Маврови Анови со по 34 литри.

Покрај Маврови Анови, значителна снежна покривка е регистрирана и во Крушево, каде што има 27 сантиметри снег. На Попова Шапка се измерени 18 сантиметри, во Лазарополе 15, во Тетово 10, а во Куманово девет сантиметри снег. Во Скопје-Петровец снежната покривка изнесува еден сантиметар.

Во текот на денот ќе преовладува облачно време со повремени локални врнежи од снег, а во пониските места, особено долж Повардарието, од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималните дневни температури ќе се движат од минус еден до пет степени.

Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од снег, кои ќе престанат во попладневните часови. Максималната температура ќе достигне до два степена.