Продолжуваат ноќните рестрикции на вода во Струга

29.11.2026 12:10

Стружани ќе плаќаат поскапа вода, а ноќните рестрикции продолжуваат поради намалената издашност на изворите. За едно просечно семејство што троши 10 кубни метри вода, зголемувањето би значело дополнителен трошок од 50 до 70 денари. Издашноста на изворот Шум останува сериозен проблем.

Поскапа вода, но и натаму рестрикции во водоснабдувањето. Стружани ги очекува зголемување на цената за најмногу 5 денари по кубен метар, додека во делови од градот и населените места сè уште се во сила ноќните рестрикции.

Од ЈП „Водовод и канализација“ објаснуваат дека корекцијата на цената е во рамките на насоките од Регулаторната комисија.

„Нема да биде големо, туку во рамките што ни ги дозволува Регулаторната комисија. Сакам да ги уверам граѓаните дека поскапувањето ќе биде во рамките од 3 до 5 денари максимално. Ако едно просечно семејство троши 10 кубни метри вода, поскапувањето би изнесувало околу 50 до 70 денари за тие 10 кубици“, изјави Јованчо Мечкароски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ - Струга.

Поради намалената издашност на изворите, претпријатието секоја вечер врши ограничувања во одредени делови од градот и населените места, со цел да обезбеди вода во текот на наредниот ден.

„Со надчовечки напори, координирано, секоја вечер во делови од градот и населените места правиме рестрикции за наредниот ден да имаме водоснабдување. Имавме одредени кризни периоди, но ситуацијата почна да се надминува со првите дождови. Од горнобеличките извори имаме зголемување на дотокот по врнежите, меѓутоа изворот во Шум сè уште е во очајна состојба и издашноста му е мала“, рече Јованчо Мечкароски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Струга.

Проблемите најмногу ги чувствуваат жителите на повисоките катови во постарите станбени згради, каде што притисокот не е доволен за нормално водоснабдување.

Соња Рилковска