Нови руски напади врз Украина, загинати и повредени во Одеса и Запорожје

29.11.2026 18:46

Нови руски напади врз Украина однесоа човечки животи. Меѓу повредените има и дете. Украинските медиуми предупредуваат дека претстојната зима би можела да биде уште потешка од претходната.

Нови руски напади врз Украина. Едно лице загина, а петмина биле повредени во руски напад врз Одеса. Погодени биле станбена зграда, неколку магацини и фарма. По ударот избувнал пожар на четвртиот и петтиот кат од 14-катна станбена зграда. Пожарникарите спасиле две лица од зградата. Руските сили го нападнаа Запорожје со наведувани воздушни бомби. Во нападите загина една жена, а две други лица се повредени. Меѓу повредените е и 14-годишно девојче, кое службите за итни случаи го извлекоа од урнатините.

„Сите прозорци ни беа искршени. Беше навистина страшно. Ова се случува веќе третпат. Се разбира, спиев - не очекував дека ќе има напад. Кога нападнаа, буквално скокнав во креветот“, изјави една жителка.

Украинците се издржливи, но секојдневно ги губат животите во овие напади. Очекуваме оваа зима да биде можеби уште потешка од претходната, оценуваат украинските медиуми.

„Во текот на оваа година, особено во Киев, Русија ја интензивираше својата воздушна кампања. Сведоци сме на многу повеќе напади со балистички ракети, бидејќи Украина нема соодветна одбрана од нив. Истовремено, почнаа да користат беспилотни летала на млазен погон, кои се многу потешки за пресретнување“, изјави Тома Истомина, заменик-главен уредник на „Независен“.

По руски напад избувна пожар на пазар во украинскиот град Фастив. Пожарот зафатил дел од централниот пазар, при што беа оштетени една продавница, угостителски објект и други деловни простории.

Ирина Гелевска