Почина Мојсо Мојсовски, долгогодишен новинар и уредник во Македонското радио
На 78-годишна возраст почина Мојсо Мојсовски, долгогодишен новинар и уредник во Македонското радио, кој со својот професионализам, посветеност и новинарско искуство остави длабока трага во македонското новинарство.

Мојсовски е роден на 8 септември 1948 година во Скопје. Својот работен век го мина во Македонското радио - Радио Скопје, извршувајќи повеќе одговорни функции. Особено ќе остане запаметен како уредник на дескот, но и како уредник и водител на Пладневниот радио весник, една од најпрепознатливите информативни емисии на Македонското радио.
Дел од својот професионален ангажман оствари и во македонската редакција на Дојче веле.
Мојсовски беше ментор на бројни генерации млади новинари, на кои им ги пренесуваше своето знаење и искуство, но и вредностите на професионалното, точно и одговорно новинарство.
Како голем вљубеник во родното Скопје, беше автор на книга посветена на градот, објавена во неколку изданија, во која преку лични сеќавања го зачува духот на старо Скопје. Долги години беше активен и во Одборот на скопските бадникари.
Со неговото заминување, Македонското радио губи истакнат новинар и уредник, почитуван колега и ментор, чиј глас со години беше дел од секојдневието на многу генерации слушатели.
Последното испраќање на Мојсо Мојсовски ќе биде во вторник, 1 декември. Опелото ќе се одржи во капелата во 11 часот, а погребот во 12 часот.
