Повеќе случаи на семејно насилство низ земјава, полицијата приведе неколку лица
МВР регистрира повеќе случаи на семејно насилство во Тетово, Неготино, Велес, Охрид, Куманово и Струмица. Полицијата приведе неколку лица, а против 36-годишен тетовец е поднесена кривична пријава.

Триесет и шестгодишен жител на Тетово доби кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. Според МВР, тој психички ја малтретирал и физички ја нападнал својата вонбрачна сопруга.
Во друг случај во Тетово, полицијата привела 30-годишен маж, откако неговата 25-годишна вонбрачна сопруга пријавила дека физички ја нападнал додека се возеле во автомобил. Според пријавата, тој подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ ја ограничувал слободата на движење.
Во Неготино биле приведени 42-годишен маж и неговата 70-годишна мајка, по пријава од 35-годишна жена дека била физички нападната од вонбрачниот сопруг, додека неговата мајка ѝ упатувала закани. За случајот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.
Во Велес бил приведен 69-годишен маж, по пријава дека во семејниот дом физички го нападнал својот 44-годишен син, употребувајќи дрвени предмети. При полициските проверки било утврдено дека бил под дејство на алкохол.
Во Охрид, пак, полицијата привела 37-годишна жена поради пријава за агресивно однесување и физички напад врз малолетен член на семејството, додека во Куманово бил приведен 33-годишен маж поради агресивно однесување кон својот татко.
Два случаи на семејно насилство се регистрирани и во Струмица. Во едниот бил приведен 45-годишен маж поради агресивно однесување кон сопругата, а во другиот 38-годишна жена пријавила дека била физички нападната од сопругот.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случаите, по што ќе следуваат соодветни пријави.
