МВР

Приведени четворица возачи во Тетово и тетовско поради безобѕирно управување со возило

29.11.2026 15:28

Четворица возачи се лишени од слобода во Тетово и тетовско по учество во сообраќајни незгоди. Полициските проверки покажале дека управувале возила под дејство на алкохол, без возачка дозвола или за време на активна забрана за управување со моторно возило.

Како што информираат од СВР Тетово, на 28 ноември во 11 часот бил приведен 44-годишен тетовец, кој со автомобил „шкода“ учествувал во сообраќајна незгода со повредени лица. При полициската проверка било утврдено дека имал 1,92 промили алкохол во крвта, а управувал со возилото и покрај активната забрана за управување со моторно возило од Б-категорија.

Истиот ден, во 15:25 часот, на регионалниот пат Скопје - Тетово бил приведен 30-годишен жител на тетовското село Церово, кој со автомобил „фолксваген голф“ учествувал во сообраќајна незгода со повредени лица. Полицијата утврдила дека управувал без возачка дозвола.

На 29 ноември, во 2:30 часот, на регионалниот пат Тетово - Скопје, во селото Желино, биле приведени 22-годишен жител на селото Ларце и 49-годишен жител на селото Сараќино, кои претходно учествувале во сообраќајна незгода.

При полициските проверки било утврдено дека помладиот возач управувал со возилото за време на активна забрана, додека кај другиот биле измерени 1,94 промили алкохол во крвта.

По целосно документирање на случаите, против четворицата возачи ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик, информираат од СВР Тетово.