МВР: Три лица приведени и 13 нарушувања на јавниот ред и мир за Денот на албанското знаме

29.11.2026 15:31

Три лица се лишени од слобода, поднесени се две кривични пријави и изготвени се десет записници за констатирани прекршоци за време на прославата на Денот на албанското знаме, информираат од Министерството за внатрешни работи.

На подрачјата на СВР Скопје, Тетово, Охрид и Куманово биле регистрирани вкупно 13 нарушувања на јавниот ред и мир.

На подрачјето на Скопје биле регистрирани седум нарушувања, во реоните на Бит-пазар и Ѓорче Петров. Констатирани се прекршоци поврзани со отстранување, кинење или оштетување на државни симболи и симболи на заедниците, недолично однесување, како и прекршоци од областа на безбедноста во сообраќајот.

Поднесена е кривична пријава против малолетник за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, а при расчистувањето на настаните две лица биле лишени од слобода.

Во Тетово биле регистрирани два случаи на нарушување на јавниот ред и мир со употреба на пиротехнички средства од страна на малолетници на градскиот плоштад, како и настан во кој било поставено албанско знаме на полициско возило.

На подрачјето на СВР Охрид биле регистрирани два случаја, во Кичево и Струга, поврзани со истакнување знамиња на Република Албанија. Во Струга, знамињата биле поставени во основно училиште без да биде истакнато македонското државно знаме, поради што против одговорното лице ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Во Куманово, за време на дефиле со возила низ централното градско подрачје, полицијата привела едно лице кај кое биле пронајдени пиштол и рамка со пет куршуми. Против лицето е поднесена кривична пријава за недозволено држење оружје.

Од МВР информираат дека продолжуваат со преземање мерки за целосно расчистување и документирање на сите регистрирани настани, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.