Семејното насилство остава длабоки лузни, законските измени сè уште на чекање
Се подобрува здравствената состојба на 42-годишната жена од Гостивар, жртва на брутално семејно насилство. Психолозите апелираат за итна институционална заштита, додека законските измени за поголема заштита на жртвите сè уште чекаат собраниска расправа.

Насилството не почнува секогаш со удар, но може да заврши со борба за живот. 42-годишната жена од Гостивар, која по брутално семејно насилство беше примена на КАРИЛ, е во подобра здравствена состојба. Доколку нема промени, наскоро ќе биде префрлена на Трауматологија. Но нејзиниот случај е уште едно предупредување дека насилството во семејството може да има тешки последици.
Психолозите со апел за институционална заштита сега и веднаш...
Последиците од семејното насилство, велат, не завршуваат со видливите физички повреди. Траумата остава далеку подлабоки психолошки лузни.
Додека случаите на семејно насилство повторно ја вознемируваат јавноста, законските измени за поголема заштита на жртвите сè уште чекаат институционална зелена светлина. Иако предлогот е поднесен во Собранието уште на 26 август, тој сè уште не е ставен на собраниска расправа. Се чека мислење на Владата.
Ана Јосифовска
