Првиот снег ги активира зимските служби, главните патни правци проодни
Првиот снег донесе отежнати услови за сообраќај и проблеми со снабдувањето со електрична енергија во дел од планинските села. Зимските служби се на терен, а надлежните апелираат на внимателно возење и задолжително користење зимска опрема.

Сообраќајот на патиштата низ Македонија се одвива без прекин по влажни коловози, со исклучок на Стража, каде што сè уште важи забраната за тешки товарни возила. Екипите на „Македонија пат“ се на терен и располагаат со потребните количини сол и ризла. Да не се тргнува на пат без соодветна зимска опрема и да се вози со приспособена брзина, апелира заменик-директорот на „Македонија пат“, Александар Шуковски.
Снегот ги отежна условите за движење, а дел од планинските села останаа без електрична енергија. Најмногу проблеми има во Гостиварско и Тетовско. Сепак, според Центарот за управување со кризи, главните патни правци во земјава се проодни.
И екипите на зимската служба на Град Скопје се на терен, а посебно внимание се посветува на повисоките делови од градот со цел да се обезбедат проодни и безбедни улици за граѓаните. Градоначалникот Орце Ѓоргиевски деновиве бил во дежурната служба и разговарал со вработените, кои во овој период го носат најголемиот товар при справувањето со временските услови, со цел подготвени да го дочекаме снегот.
„Не чекаме да нè изненади, делуваме пред да падне првиот снег! Уште од доцните попладневни часови, по најавите за снег, екипите на зимската служба на Град Скопје превентивно дејствуваат на скопските сообраќајници. Посебно внимание посветуваме на повисоките места, особено на Водно, каде што веќе падна првиот снег“, наведува Ѓоргиевски.
Досега се фрлени 45 тони сол и ризла и има доволно за целата зимска сезона. Интервенирано е со 18 возила, плус две резервни, во изминатата ноќ на сите сообраќајници под надлежност на градот, како и на сите критични точки.
Александра Велинова
