Конгресот останува Републикански, дали Демократите ќе го загубат мнозинството во Сенатот?
Американците ќе гласаат на 4-ти ноември за нов состав на Конгресот и 33 места во американскиот Сенат. Економијата, имиграцијата и здравствената заштита се главни теми на соочување на двете најголеми партии Републиканската и Демократската партија. Македонската телевизија беше на дебата на двајца кандидати за сенатор во Вирџинија, една од државите коишто се клучни за исходот на изборите...

Вирџинија е една од најбогатите американски држави, но невработеноста на младите е еден од најголемите проблеми. Затоа се повеќе Американци го поддржуваат Републиканецот Ед Геилесби, противкандидат на сенаторот Демократ од Вирџинија, Марк Ворнер.
„На децата им треба работа. По 4 години факултет, нема работа за нив во економијата. Ед Геилесби ќе го промени тоа“.
„Во Вирџинија има се повисоки даноци. Ед Геилесби планира да ги намали даноците и да создаде нови работни места“, велат жителите на Вирџинија кои ги анкетиравме.
Ед Геилесби ветува повеќе работни места и подобра иднина за младите Американци, додека актуелниот сенатор и поранешен Гувернер на Вирџинија, Марк Ворнер вели дека ќе ги решава проблемите. По дебатата, Македонската телевизија го праша кандидатот за сенатор Геилесби дали ако биде избран во Сенатот ќе поддржува проширување на НАТО со земји што се подготвени за прием како Македонија.
„Верувам дека треба да носиме повеќе земји членки во НАТО и ќе го разгледам тоа како американски сенатор. Сепак не би одел со детали во моментов“, рече Ед Геилесби- кандидат на Републиканската партија за сенатор од Вирџинија.
Геилесби бил советник на поранешниот американски претседател, Џорџ Буш, но анкетите велат дека актуелниот сенатор Марк Ворнер е во предност да добие втор мандат.
„Мислам дека треба да се справиме со финасиите и реформа на дистрибуцијата. Очигледно треба да има промени и во корпорациите во Вирџинија“, изјави Марк Ворнер- сенатор Демократ.
На 4-ти ноември, Американците ќе гласаат за 435 конгресмени и за 33 сенатори. Професорот од Џорџ Мејсон универзитетот во Вирџинија вели дека северниот дел од Вирџинија каде има имигранти гласа за Демократите, а остатиот поголем дел за Републиканците.
„Гласачите од Вирџинија ќе очекуваат од новиот сенатор закони за создавање нови работни места што ќе им помогнат на луѓето низ целата држава. Не сакаат наметнување на закони направени во Вашингтон“, смета Тони-Мишел Тревис, професор на Џорџ Мејсон универзитет во Вирџинија.
Вирџинија е една од клучните држави коишто го решаваат исходот на изборите. За разлика од другите американски драви кадешто ќе се гласа и за Конгресот и за Сенатот, гласачите од Вирџинија ќе избираат само нов сенатор.
На изборите на 4-ти ноември само едно е веќе сигурно дека Конгресот и натаму ќе остане Републикански, но предвидувањата се дека Демократите ќе го изгубат мнозинството во Сенатот.
Ирина Гелевска
