Економските зони ќе го заживеат Охрид
До пред две децении општина Охрид се вбројуваше помеѓу четирите најразвиени во Македонија. Во моментот невработеноста е голема, а охриѓани единствениот излез го гледаат во странските и во домашните инвестиции. Бизнисмените предност и даваат на зоната „Мауцкер“...

Во Охрид во моментот има околу 4.500 граѓани кои активно бараат работа. Од нив 2.000 се без квалификации ,над 800 имаат високо образование, а работа чекаат и 45 магистри.
За враќање на некогашните патеки кога градот беше познат индустриски центар охриѓани излезот го гледаат во новата Технолошко индустриската развојна зона која се гради помеѓу Охрид и Струга и во индустриската зона „Мауцкер“ каде што приоритет ќе имаат локалните фирми.
„Во рамки на зоната „Мауцкер“ наша интенција како локална самоуправа е капацитетите на таа зона да ги понудиме на локалните фирми. Се додека има интерес за инвестирање во зоната и доколку просторните услови го дозволуваат тоа наша интенција ќе биде инвестицијата да биде од охридска фирма“, вели Димитар Спасески, Локална самоуправа- Охрид.
Од друга страна охридскиот Центар за вработување со активни мерки придонесе последнава година да се отворат 50 нови работни места,а дополнувањето на Законот за вработување за лица до 28 години отвори можност за дополнителни вработувања.
„Оваа можност ја искористија до овој момент,од стапување на законот во сила во март оваа година повеќе од 160 млади лица кои директно се вработија“, изјави Ване Баткоски, директор на Центарот за вработување-Охрид.
Активностите за засилен индустриски развој ги подржуваат сите оние кои знаат дека Охрид не може да живее само од туризмот.
Потврда за тоа се и податоците кои укажуваат дека и по најдобрите туристички остварувања оваа стопанска гранка во вкупните приходи на општината учествувала само со 5 проценти.
Сашо Нелоски
