Акција во „Скопска единица“: Приведените го оштетиле Буџетот за над 1,1 милион евра
Осомничени се за за сторено кривично дело несовесно работење во службата...

13 судии утрово се уапсени во Скопскиот кривичен суд. Со лисици на рацете завршиле и 10 – тина стручни соработници. Полицијата акција е спроведена по наредба на Јавното обвинителство против 25-мина вработени во Основниот суд Скопје 1 во одделот за прекршоци.
Осомничени се за за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Постапувајќи по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи – оддел за организиран криминал, Основното јавно обвинителство Скопје спроведува истражни активности за 25-те вработени од Основниот Суд од кои 13 се судии и останати судски службеници, информираат од јавното обвинителство.
Сомнението е дека во текот на 2010 година до нив биле доставени предмети „Барања за поведување на прекршочна постапка“, кои биле земени во работа во текот на 2012 и 2013 година. По предметите биле донесени пресуди со определени парични казни, а не биле доставени на извршување.
Основното јавно обвинителство Скопје основано се сомнева дека поради несовесното работење на осомничените е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија од околу 68.000.000,00 денари.
Во Основното јавно обвинителство Скопје продолжува истражната постапка против 25 осомничени со цел утврдување на сите факти и докази во предметот.
Од Скопска единица информираат дека дел од приведените се донесени во судот на распит од судија на претходна постапка. Уапсените во судот се вработени на разни нивоа.
Наташа Гркова- Петрушевска
