Министерот Попоски оствари средба со делегација од Претставничкиот дом на американскиот Конгрес

08.10.2014 11:52

На средбата било констатирано дека е потребно обезбедување на уште позасилена поддршка на претставниците на американскиот Конгрес во претстојниот период, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Република Македонија во НАТО...

Шефот на дипломатијата, Никола Попоски денес оствари средба со висока делегација од Претставничкиот дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави. Делегацијата, предводена од конгресменот од Охајо, Мајкл Тарнер, престојува во работна посета на нашата држава.

На средбата беше заемно истакнато задоволството од одличниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, кои ги карактеризира стратешко партнерство, отворен дијалог и пријателство,  како и интересот за нивно сèвкупно натамошно унапредување во домените од интерес, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.

На средбата, посебен акцент бил ставен на парламентарната соработка меѓу двете пријателски држави, која што се одвива успешно и во континуитет. Во Собранието на Република Македонија функционира Пратеничка група за соработка со Соединетите Американски Држави, додека пак, во американскиот Конгрес постои Конгресната група за соработка со Македонија, која во моментов брои околу дваесетина конгресмени.

На средбата било констатирано дека е потребно обезбедување на уште позасилена поддршка на претставниците на американскиот Конгрес во претстојниот период, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Република Македонија во  НАТО.

Воедно, на средбата биле разменети мислења за актуелните случувања во регионот на Југоисточна Европа, како и за меѓународните напори во борбата против растечките закани од тероризмот и насилниот екстремизам во светски рамки, а во тој контекст, бил истакнат и поздравен придонесот и на нашата држава, кон севкупните напори за обезбедување на мир,  безбедност и просперитет,  во регионални и глобални рамки.