Јолевски: Членството на Македонија во ЕУ и НАТО ќе значи постабилен регион

08.10.2014 12:11

Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО. И покрај тоа што поминаа шест години од нанесената неправда во Букурешт, ентузијазмот сеуште не не напуштил, потенцира министерот за одбрана Зоран Јолевски...

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски со воведното обраќање ја отвори конференција „Западен Балкан – иднината на интеграцијата“ што се одржува во Рим.

Република Македонија во изминативе години вложи многу напори да ги изврши реформите, со цел достигнување на членството во Евроатлантските организации.

Членството во Европската унија и во НАТО е од стратегиско значење за Македонија, а тоа ќе значи постабилен регион, побезбедна Европа, рече Јолевски.

Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО. И покрај тоа што поминаа шест години од нанесената неправда во Букурешт, ентузијазмот сеуште не не напуштил, потенцира министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Оваа Конференција има цел да даде една нова појасна слика за земјите од Западен Балкан, каде се и каква стратегија да применат во иднина во контекст на интеграциските процеси.

Согледувањата се дека секоја земја аспирант се соочува со различни проблеми и дека можеби регионалната соработка е можноста за надминување на истите.

На оваа конференција учествуваат високи гости од Италија, Чешка, Австрија, и од земјите од регионов.