Овации за Македонската филхармонија во Загреб
Понеделникот вечерта на 6 октомври беше уште еден миг за празнување на Македонската филхармонија. Најстарата музичка институција во земјава која годинава слави седум децении постоење, своето високо професионално ниво го покажа и пред загрепската публика, онака како што тоа го направи и пред домашната публика во Скопје, на отворањето на новата концертна сезона.

Понеделникот вечерта на 6 октомври беше уште еден миг за празнување на Македонската филхармонија. Најстарата музичка институција во земјава која годинава слави седум децении постоење, своето високо професионално ниво го покажа и пред загрепската публика, онака како што тоа го направи и пред домашната публика во Скопје, на отворањето на новата концертна сезона. Познатата концертна сала „Ватрослав Лисински“ беше исполнета до последното место, а публиката не можеше да ја скрие среќата што пред себе гледа еден друг симфониски оркестар кој доаѓа од соседството и кој, барем такви беа коментарите на крајот, може да се носи рамо до рамо со другите големи ансамбли од регионот. Загрепската публика со овации ги поздрави филхармоничарите, маестро Борјан Цанев и солистот од Германија, виртуозот на виолончело Даниел Милер-Шот, уживајќи во комплексната и во истовреме интересна програма (Шахов, Лало, Штраус и Барток), а тие возвратија со бис, со изведбата на „Пајдушко“ од Сони Петровски. И делото на Панде Шахов, неговиот „Прелудиум“, како и делото на Петровски беа особено атрактивни за хрватската публика, која, очигледно, уживаше во македонската мелоритмика.
Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, не ја крие возбудата од успешното гостување во Загреб. „Многу сум задоволна од тоа како помина концертот“, вели таа.
„По концертот во Скопје, со кој ја отворивме новата сезона, не се ни сомневав дека и во Загреб ќе имаме одличен настап. Во главниот хрватски град публиката има високи критериуми за класична музика и не знаев како таа ќе ја прифати Македонската филхармонија. Но, среќна сум од позитивните реакции, од тоа дека концертот беше видно посетен, имаше многу публика, а особено што оркестарот покажа високо ниво на музицирање. На загрепската публика и покажавме дека сегашниот оркестар на Македонската филхармонија е на друго ниво и дека може да се носи рамо до рамо со останатите оркестри. Се надеваме дека од овој настап ќе произлезат и други концерти во регионот“, вели Чанаќевиќ.
Гостувањето на Македонската филхармонија во Загреб се случува по пауза од 15 години и позитивни оценки доаѓаа особено од повозрасната музичка публика која била сведок на концертите во минатото. Дел од посетителите беа видно изненадени од големиот квалитативен исчекор на оркестарот на Македонската филхармонија во однос на звукот и неговата компактност. Македонската филхармонија во своите редови денес има многу млади музичари кои со својата енергија, младешки елан и ентузијазам придонесуваат во квалитетот, но во истовреме, има и мошне искусни, реномирани имиња кои пак, ја носат зрелоста. Овој спој кој го дава тој континуиран растеж на Македонската филхармонија, го почувствува и публиката во Загреб.
Задоволството од настапот на Македонската филхармонија не го криеја ниту директорот на Концертната дирекција Загреб, Јоси Налис, ниту, пак, директорот на Словенечката филхармонија, Дамјан Дамјановиќ, кои по завршувањето на концертот изјавија дека се надеваат на уште многу вакви гостувања.
