Кршачите на наплатни рампи ќе останат без возило

08.10.2014 16:06

Законски корекции за поквалитетен превоз на патници. За седум дена забрана за увоз на автобуси со пониска класа од ЕУРО три еколошки стандард. Лиценци во меѓународен и домашен превоз од април в година ќе има само за превозниците со минимум ЕУРО 2 еколошки стандард...

Трајно одземање на возилото и казна од 500 евра за неплаќачите – кршачи на наплатните рампи. Ригорозни казни за да се спречи уништувањето на патарините, да се зголемат приходите од патна такса. Законски корекции за поквалитетен превоз на патници. За седум дена забрана за увоз на автобуси со пониска класа од ЕУРО три еколошки стандард. Лиценци во меѓународен и домашен превоз од април в година ќе има само за превозниците со минимум ЕУРО 2 еколошки  стандард.

„Автобусите со кои се превезуваат патниците ќе мораат да бидат со минимум Еуро 2 стандард, односно од април следната година нема да се издаваат лиценци за автобуси и мини автобуси кои сакаат да вршат меѓуградски и меѓународен сообраќај доколку имаат возило под тој стандард“, вели Миле Јанакиевски, министер за транспорт и врски.

Стимулација за обнова на автобускиот возен парк и заштита на животната средина на барање на превозниците – твдрат надлежните. Превозот со Еуро еден и два ќе замине во историјата.

„Сите транспортни фирми ќе може да увезуваат автобуси со еуро 3 стандарди, со што еуро 2 и еуро 1 заминуваат во историја. Сметаме дека со воведување на ваква мерка бројката од 348 автобуси со еуро 2 стандард за шест месеци до 1 година ќе се намали, а бројката на  автобуси со еуро 3 која моментно изнесува 131 да се зголеми“, посочи Беким Незири, министер за економија.

Со забраната за увоз пред две години со Еуро два имаше 77 автобуси, сега речиси 350. Со новата мерка возниот парк ќе се подобрува со еуро тројки. Штом ќе достигне доволен број ќе се укине увозот и на овие возила. За три месеци туристичките агенции бесплатно ќе мора да се поврзаат на електронскиот систем на автобуски станици. Ќе се реши проблемот со два пати продадена карта што оставаше патници без место во возилото. Засилена контрола и на странските превозници. Ја губат привилегијата да ги менуваат дозволите при превоз низ државава и да бидат конкуренција на домашните транспортери.

Сузана Фиданска Стоевска