ДНК примерок од родителите на Дениса испратен на Родос

08.10.2014 16:23

Анализираниот ДНК примерок од родителите на Дениса Маркоска веќе се испратени на Родос заради споредба со анализите од пронајдениот женски труп. Обдукцијата е извршена, но резултатите ќе бидат соопштени дури по целосното завршување на анализите...

Земениот ДНК материјал од родителите на Дениса, МВР доцна синоќа преку Интерпол Македонија го испратила до Интерпол Грција. Сега овие примероци треба да бидат доставени до Институтот за судска медицина на островот Родос, каде се наоѓа и телото на девојка кое во саботата беше пронајдено во северозападниот дел на островот Карпатос.

Споредбата на ДНК анализата треба да покажи дали всушност станува збор за телото на 23 годишната прилепчанка Дениса Маркоска која исчезна од бродот Серенисима, на 12 септември додека тој пловел помеѓу островите Родос и Крит. Семејството и денеска скршено од болка не сакаше да дава изјави, само порачаа медиумите да се воздржат од шпекулации што им ја влошуваат и онака тешката ситуацијата во која се наоѓаат.

Инаку веќе е извршена обдукцијата на пронајдениот труп, но се уште не се соопштуваат никакви детали, се додека не се анализира ДНК материјалот од Македонија.

Инаку според дописот на грчката крајбрежна служба која пред неколку дена го доставила до македонското МНР, се наведува дека описот на трупот и описот на пронајдената облека, одговарале со описот на Дениса и облеката која ја носела на денот на исчезнувањето. 

Подетални информации за целиот случај се очекуваат во наредните денови.

Дарко Штаргоски