Градежниот сектор ќе добие квалификувани работници
Проектот вреден 400 илјади евра се финансира од европскиот буџет и треба да заврши во март 2016-та. Се планира и домашните фирми да формираат посебен фонд преку кој ќе се финансира обуката на нивните работниците...

Градежните компании ќе добијат квалификувани работници. Ќе се обучуваат: фасадери, столари, техничари за греење и ладење, кровопокривачи и електричари. Анализите говорат дека на градежниот сектор во наредните 5 години ќе му бидат потребни најмалку 9800 работници во 5 приоритетни занимања.
„Ќе им се валоризира знаењето на илјада работници од градежниот сектор, кои ќе добијат сертификати и ќе можат да ги искористат за работа не само во Република Македонија туку и во Хрватска и во Словенија”, рече Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанска комора на Македонија.
Проектот предвидува обука на 200 тренери кои ќе бидат оспособени да ги спроведуваат обуките на градежните работници, а за верификација е задолжен Центарот за образование на возрасни .
„Да ги повикаме градежните работници, потоа да ги препознаеме нивните знаења и вештини, и на крај да видиме кои од нив можат да добијат сертификат од областа на енергетската ефикасност, а кои од нив ќе мора да одат на пошонатамошни обуки”, рече д-р Христина Спасевска, универзитетски професор.
Во ЕУ проектот учествуваат 28 европски земји, Норвешка и Македонија. Домашните сертификати ќе бидат признаени, но и услов за ангажирање за работа во странство.
„Крајна цел е сите овие системи на сертифицирање на вештини и квалификации за енергетска ефикасност да бидат меѓусебно препознаени и прифатени од сите земји“, рече Ристо Иванов од Здружение на бизнис и консултанти „Креација”.
Проектот вреден 400 илјади евра се финансира од европскиот буџет и треба да заврши во март 2016-та. Се планира и домашните фирми да формираат посебен фонд преку кој ќе се финансира обуката на нивните работниците. Крајна цел е градежните компании да добијат квалификуван кадар кој ќе може да изведува комплетни проекти на просторот на ЕУ.
Свето Николовски
