Брисел нема механизам да го реши проблемот со Грција
И во овој извештај се посветува внимание на проблемот со Грција. Ова според дел од аналитичарите покажува дека Брисел нема механизам да го реши проблемот. На тој начин документот нема никаква политичка тежина. Други експерти сметаат дека треба да се гледа реалистично и да не биде демотивирачки момент...

Ако извештаите на ЕУ досега предизвикуваа вистинска есенска бура, сега политиката на Брисел ги сведе само на бура во чаша. Ова според аналитичарот Боцевски е разбирливо кога уште сега се знае дека и годинава во декември, како и во изминативе 5 години Македонија и покрај добиената препорака нема да добие датум за отпочнување на преговорите.
„Ова воопшто нема врска ни со европските вредности, ни со европските политики ова има врска со еден безсрамен притисок врз една мала земја која се труди да го сочува својот идентитет, која се труди да ја сочува својата државност, кој што е предизвикан од земја членка на Унијата. Значи, еден вид на препакуван империјализам од 19 век, препакуван шовинизам од 19 век, меѓутоа со европска обланда, тоа е грчката политика кон Македонија“, вели Ивица Боцевски, аналитичар.
0д 2009-та позитивната оценка од Брисел останува без фидбек, но ова според Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование не мора да биде во директна корелација со евроскептицизмот, вели се зависи од тоа каква атмосфера ќе се креира во државата.
„Доколку се креваат очекувањата ќе биде демотивирачки, меѓутоа доколку имаме реални очекувања, а тоа дека овој процес за Македонија секако ќе трае неколку години тогаш ќе треба да бидеме реалитични повеќе отколку оптимисти“, вели Бојан Мариќ од МЦЕО.
Ова што ни се случува според Боцевски може да има и позитивен афект. Време е вели европскиот идеализам да го замениме со реализам и да сфатиме кормилото е кај нас а не во Европа.
„Ова е мошне добро што се случува едно вакво разладување на главите и едно вакво трезнење на македонските граѓани, далеку порано отколку тоа што се случува во другите пост-комунистички земји, кај нив ова се случуваше по членството, кога тие и покрај тоа што си легнаа во Полска, Чешка, Словачка, утре дента не се разбудија во Шведска“, вели Ивица Боцевски, аналитичар.
Со процесот за членство во европскиот клуб Македонија стартуваше во 2005 –та. 4 години подоцна го доби позитивниот извештај кој исто како и сите последователни за Македонија не беа доволни да влезе во следната фаза што ќе не доближи до членството. Новата Европската комисија е едногласна дека до 2019 нема ново проширување на унијата.
Виолета Димовска
