Евроинтеграции

Напредок во реформите има, но и итна потреба да се реши прашањето за името

08.10.2014 19:18

Македонија доби нова, шеста по ред препорака за почеток на пристапните преговорите со Европската унија. Објавен е годишниот извештај за напредокот во реформите. Се наведува дека земјава продолжува во доволна мера да ги исполнува политичките критериуми за членство во Унијата. Има и забелешки...

По деталната анализа од страна на Европската комисија, Македонија ја доби шестата препорака за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Македонија е во ќорсокак и постои итна потреба да се реши прашањето за името, напредок во реформите има, но тие треба да продолжат, стои во извештајот што денеска официјално го објави еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Една од забелешките во документите е недостатокот на политички дијалог. На 60 страници, меѓудругото, пишува за сериозните предизвици кои ја очекуваат Македонија да се справи со поделената политичка култура и кршливата меѓуетничка ситуација, како и со контролата врз државните институции.

Еврокомесарот во заминување вели дека прашањето за името продолжува да влијае на односите со Грција. Ќе имали нов предлог на Нимиц и како идната Комисија ќе го интензивира процесот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение, еве што очекува еврокомесарот во заминување.

„Неопходна е акција за да се поправи неодамнешното назадување, особено во однос на слободата на изразувањето, на медиумите и независноста на судството. Има итна потреба за изнаоѓање и преговори за взаемно прифатливо решение на прашањето за името. Владата и опозицијата треба да преземат чекори за враќање на политичкиот дијалог во Парламентот“, рече Филе.

Шефот на македонската дипломатија смета дека извештајот на Комисијата е брод на суво кој не дава резултати, аналитичари во Брисел кои долги години го следат евро-интегративниот процес велат дека се додека Грција ја држи Македонија во заложнштво нема да има напредок кон ЕУ.

„Доколку Грција не ве блокираше или пак доколку се постигнеше некаков договор со Грција за да не ве блокира Македонија одамна ќе ги почнеше преговирите за членство. Јас сум уверен дека Македонија има многу поголем капацитет да ги почне преговорите споредено со Црна Гора или Србија, ова се должи на фактот што Македонија прва влезе во процесот на евро-интеграции. Македонија има структури кои можат да се носат со товарот кој го носат преговорите, но стручните лица не можат да дојдат до израз, бидејќи постои политичка пречка, а тоа е прашањето за името“, вели Августин Палокај, новинар и аналитичар.

Не само аналитичарите, туку и европратениците сметаат дека однесувањето на Грција и нанело штета на Македонија.

„Не очекувам напредок бидејќи околностите не се променети од 2005 година, кога Македонија доби статус на кандидат. Неповолните околности се присутни и очекувам да продолжи блокадата од Грција на македонскиот пат кон Брисел. Десет години е предолг период во кој некои ваши соседи станаа членови на ЕУ“, вели Тонино Пицула, европратеник.

„Не функционира дијалогот помеѓу политичките партии, СДСМ повторно ја бојкотира работата на парламентот, а ние веќе имавме искуство со ваква ситуација. Се сеќавате кога пред неколку години оваа партија го бојкотираше парламентот и рече дека ќе ги бојкотира  изборите, тогаш јас и комесарот Филе со претставниците на најголемите партии седнавме заедно и помогнавме да се најде решение, ситуацијата горе-долу е иста, мислам дека ова има влијание на извештајот за напредокот бидејќи одржливиот дијалог е многу важен. Важно е одговорните политичари да седнат и да разговараат за евро-интеграциите на Македонија, бојкотот не е вистински инструмент бидејќи политичката борба треба да се води во парламентот“, вели Едуард Кукан, европратеник.

Политичките критериуми се исполнети, економското закрепнување продолжува, задржана е финансиската стабилност, странските инвестиции се добар сигнал за македонската економија. По овој извештај, одлуката уште еднаш ќе биде во рацете на Европскиот совет, кој во декември треба да се изјасни дали ќе ја прифати препораката на Европската комисија и ќе додели почеток на преговорите со Македонија.

Од Брисел за МТВ Биљана Трендафилова