Во акцијата „Јустиција“ приведени 14 судии и 11 соработници
Јустиција односно правдата ги стигна 14-те судии и 11-те стручни соработници во судот за прекршоци кои се огрешиле од словото на законот. Таеле предмети за да застарат. Овде во судот за прекршоци во Скопје изненадени и вработените поради денешното отсуство од работа на нивните колеги, приведени од полицијата.

Се товарат за кривично дело несовесно работење во службата. Незаконски постапувале со над осум илјади предмети во прекршочна постапка со што ја оштетиле буџетската каса за 68 милиони денари. Со кривична се опфатени 25 –мина.
Приведените се сомничат дека во 2010 година до нив биле доставени предмети, „барања за поведување прекршочна постапка“, а ги работеле во текот на 2012 и почетокот на 2013 година. По нив биле донесени пресуди по брза постапка со определени парични казни, а не биле доставени на извршување. Ги чувале во фиока се додека делото не застари. Дури направиле печат на кој пишувало дека процесот запира заради застарување на делото. Потоа се носеле во судската писарница.
Осомничените беа на распит и кај судија на претходна постапка. Јавниот обвинител поднесол предлог за одредување забрана за напуштање на живеалиште.
„За 19 лица предложена е мерката забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, како и забрана за преземање на работни активности кои се врзани за кривичното дело, додека за останатите пет кои не се во работен однос во судот, предложена е мерка забрана за напуштање на живеалиштето како и обврска повремено да се пријавуваат кја надлежен државен орган и определено службено лице“, рече Дејан Ристовски, портпалол во Основниот суд Скопје 1.
Од скопска единица информираат дека станува збор за 9 актуелни судии, тројца во пензија и еден разрешен. Стручните соработници сите, освен еден се вработени во Судот за прекршоци во Скопје.
Полицијата работи на обезбедување на уште еден судија. Од Скопското основно јавно обвинителство пак информираат дека продолжува истражната постапка, за да се утврдат сите факти и докази во предметот.
Наташа Гркова-Петрушевска
