Единаесет лица повредени во тешка сообраќајна несреќа на патот Дебар-Струга

08.10.2014 19:48

Единаесет лица се здобија со телесни повреди од кои едно со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода која се случи на регионалниот пат Дебар-Струга во близина на селото Велешта.

Сообраќајната незгода се случила во момент кога мини бус со струшки регистарски таблици кој сообраќал и вршел превоз на патници на релацијата Лабуништа-Струга изгубил контрола над возилото и и скршнал на спротивната-лева коловозна лента при што со предниот дел удрил во левата страна во моторно возило марка „Ивеко“ со скопски регистарски таблици. Осум патници биле префрлени во општата болница во Струга и кај нив се констатирани лесни телесни повреди. Тројца од патниците се во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.

„Едниот пациент беше со повреда на вратот и повреда на главата и беше веднаш испратен во општата болница во Охрид за доиследување на комјутерска томографија и реализирани се кај нас потребните ренгенски испитувања и потребните клинички испитувања, пациентот е задржан во нашата болница на понатамошно лекување. Другиот пациент беше со повреда на главата исто и тој беше испратен во општата болница за да се направи комјутерско томографско иследување, после враќањето е задржан во нашата болница. Третата пациентка беше со повреда на главата и повреда на рамениот зглоб, таа е иследена амбулантски, поставена соодветна имобилизација и пуштена на домашно лекување“, вели неврохирургот од болницата Св.Еразмо во Охрид, Митре Милошевски.

На местото на сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на јавен обвинител од основниот суд во Струга како и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од Струга.

 Јованчо Наумоски