Филе: Излегувањето од парламентот не е одржливо решение
Македонија доби нова, шеста по ред, препорака за почеток на пристапните преговори со Европската унија. Објавен е годишниот извештај за напредокот во реформите. Се наведува дека исполнувањето на политичките критериуми е на задоволително, а економската стабилност, на високо ниво. Има препораки за подобрување во некои области...

Европската Комисија во заклучоците потенцираше дека долгогодишниот спор со Грција и „прашањето околу името“ е причина поради која Македонија не е дел од европското семејство. Во овој извештај ЕК отворено искажува и доза на самокритичност поради фактот дека во континуитет не успева да го убеди Советот на ЕУ и посочува на потребата од одлучна акција и про-активна поддршка од страна на лидерите на ЕУ.
„Комисијата останува на ставот дека доколку пред две години започнеше скрининг постапката и дискусија во Советот за Преговарачката рамка на пристапните преговори, досега ќе се креираше позитивен моментум и како основа за изнаоѓање на решение околу името, пред отварањето на преговорите по поглавја“, стои во извештајот.
Во извештајот е наведено дека земјата активно учествува во регионалната соработка и понатамошното развивање на билатералните односи со соседите, но прашањето за името продолжува да влијае на односите со Грција, држава поради чие право на вето во Европскиот Совет веќе 6 години сме пред враттите на Унијата.
Во извештајот е нотирано дека Македонија ги исполнува политичките критериуми и дека реформите во судството, се услогласени на високо ниво, во однос на европските. Комисијата порачува зголемена активност и напори во делот на политичкиот дијалог меѓу Власта и опозицијата.
„Годинава во извештајот за напредокот се осврнуваме на ова прашање многу отворено. Велиме дека излегувањето од парламентот е политичка порака, важна политичка порака, но не е дел од одржливо решение на проблемот што довел до драматичниот чекор. Но не само тоа, велиме дека не е само и до власта и опозицијата да создадат услови демократските институции да се користат за да функционира демократијата“, рече Штефан Фуле.
Во делот на економските критериуми констатирано е дека Земјата напредувала во постигнувањето на нивото потребно за функционална пазарна економија, заблежан е економски раст и финансиска стабилност.
Марина Стојанова Тонева
