ММФ: Македонската економија со најголем раст во регионот
Според Извештај на ММФ за глобалната економија објавен на годишното Собрание во Вашингтон, растот на Македонија е најголем во споредба со сите земји од соседството...

Економски раст од 3,4 % ќе има македонската економија годинава. Наредната се предвидува раст за 3,6 %. Ова е најновата есенска прогноза на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Според Извештај на ММФ за глобалната економија објавен на годишното Собрание во Вашингтон, растот е најголем од сите земји во соседството и регионот.
Според извештајот, инфлацијата годинава ќе изнесува 0,6 % и 2,3 % во наредната. Дефицитот на тековната сметка е проектиран на 4,6 % и 5,7 % во 2015.
Растот на БДП во Црна Гора според прогнозите ќе биде 2,3 % за оваа и 3,4 % за наредната година, во Албанија 2,1 % годинава и 3,3 % во 2015 година и во БиХ 0,7 % за оваа и 3,5 % за догодина. За Хрватска и Србија се предвидува рецесија.
ММФ пред годишниот состанок со Светска банка во Вашингтон ја намали прогнозата на растот за светската економија и се очекува раст на БДП да биде 3,3 % за оваа и 3,8 % наредната година.
