Прва меѓународна „Информатијада“ на Факултетите за информатички науки и технологии
Во рамки на Информатијадата студентите ќе се натпреваруваат како во спортски така и во практични дисциплини од областа на информатиката...

Повеќе од 400 студенти од факултетите за информатички науки и технологии од универзитетите од Македонија и регионот учествуваат на првата Информатијада, што од денеска до 12 октомври, се одржува во Охрид. Во рамки на Информатијадата студентите ќе се натпреваруваат како во спортски така и во практични дисциплини од областа на информатиката.
Во научниот дел предвидени се три работилници и тоа бизнис-работилница, работилница за веб-апликации и за апликации за мобилни платформи, како и натпревари по алгоритми, програмирање и математика.
Практичниот дел од наставните активности ќе биде заокружен со демонстрација на сработеното и презентација на сработените апликации и програми пред претставниците на бизнис-секторот од фирмите и компаниите од ИТ индустријата што ги поддржуваат студентските игри.
Спортскиот дел ќе опфати натпревари во мал фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, серва, пинг-понг и шах, во машка и женска конкуренција.
Организаторите на настанот очекуваат дека манифестацијата ќе стане најголемиот собир на студентите од областа на информатичките науки во регионот, оттаму што ваков настан со толкав обем досега не е организиран ниту на европско ниво.
