Компромис меѓу десницата и левицата во ЕП за новите еврокомесари

09.10.2014 16:16

Словенката Аленка Братушек е единствената кандидатка за еврокомесар, која беше отфрлена од Европскиот парламент, каде политичките пазарења меѓу десницата и левицата им дозволија на неколкутемина спорни кандидати да го поминат испитот пред европратениците.

„Кога ловокрадецот станува ловочувар“, така беше резимирано успешното полагање на поправните испити на идните еврокомесари од дел од зајадливите коментатори. Мислејќи тука на францускиот еврокомесар за економски и фиансиски работи Пјер Московиси, потоа британецот Џонатан Хил задолжен за финансиската стабилност или на шпанецот Мигуел Ариас Кањете за енергија.

Сите тие се протнаа низ иглени уши во комисиите на Европскиот парламент.

Унгарецот Тибор Наврашич и покрај противењата на дел од европратениците, поради неговата блискост со премиерот Виктор Орбан, останува во Комисијата. Но е побарано од претседателот на Комисијата Жан-Клод Јункер да му го промени првонаменетиот ресор за образование, култура, млади граѓанство.

Подебелиот крај го извлече кандидатката на Словенија Аленка Братушек, која беше отфрлена со големо мнозинство. Европратениците и забележаа дека не го познава доволно ресорот за енергија и дека се самокандидатирала.

Пазарањета во ЕП меѓу политичките групи го спасија шпанецот Кањете, кој ја доби поддршката на социјалдемократите во замена на поддршката на народните партии за французинот Московиси. Затворајќи ги очите на петцијата со 600 000 потписи против Кањете.

Комисијата Јункер требаше да биде изгласана на 22 октомври во Стразбур, каде и е потребно обично мнозинство. Но отфрлањето на Братушек, може да го забави процесот.

Тони Гламчевски