Се одлага третата фаза од либерализацијата на пазарот со струја
За една и пол година се пролонгира третата фаза од процесот на либерализација на пазарот со електрична енергија. Наместо од 1 јануари 2015-та, либерализацијата ќе продолжи на 1 јули 2016-та, а треба да заврши во средината на 2020-та. На овој начин ќе се заштити стандардот на граѓаните

Процесот ќе се одвива етапно, во 5 фази, а категориите потрошувачи ќе излегуваат на слободниот пазар во зависност од вкупната потрошувачка во претходната година. Како последни, по пет години, статусот квалификувани потрошувачи ќе го добијат домаќинствата. Основна причина за овој чекор на Владата е заштитата на животниот стандард на домаќинствата, нагласи министерот за економија Незири.
„Доколку дозволевме да продолжи процесот со досегашната динамика, цената електричната енергија за домаќинствата ќе се зголемеше меѓу 17,7 и 20% што ќе го загрозеше животниот стандард на граѓаните”, рече Беким Незири, министер за економија.
Први со либерализацијата во средината на 2016 продолжуваат 100 –тина фирми со годишна потрошувачка поголема од 1000 мегават часови. На 1 јули 2017-та ќе им се придружат потрошувачите со конзум поголем од 500, а во средината на 2018-та и фирмите кои годишно трошат над 100 мегават часови електрична енергија. Година подоцна кавлификувани потрошувачи ќе станат и фирмите со потрошувачка поголема од 25 мегават часови. Процесот завршува на 1 јули 2020 кога на пазарот струја ќе купуваат и домаќинствата . Анализата покажала дека досега со 44% Македонија има убедливо највисок степен на либерализираност на пазарот во регионот .
„Степенот на либарализираност по земји изнесува: во Албанија 13%, во БИХ 8, на Косово 0%, во Молдавија 3%, во Црна Гора 24, во Србија 8 и во Украина 0%“, рече Беким Незири, министер за економија.
Целта на овој потег е до средината на 2020-та процесот на либерализација да биде завршен успешно , да не се предизвикаат негативни ефекти врз домаќинствата и помалите компании , а енергетскиот систем да остане стабилен, појасни ресорниот министер Незири.
Свето Николовски
