Опозицијата го доби извештајот од Брисел

09.10.2014 18:43

Евроамбасадорот Орав го достави извештајот до опозициската ДПА и трите пратенички кои решија да останат во Парламентот...

Опозициската ДПА и трите пратенички кои решија да останат во Парламентот го добија документот од Евроамбасадорот Орав. ДПА задоволна што останува препораката за Македонија.

„Ако ја немавме оваа препорака, тогаш Македонија ќе одеше во процес на слободен пад“, изјави портпаролот на ДПА, Луан Треси.

По Конгресот, партијата, изјави Треси, ќе донесе одлука за враќање во Парламентот. Дали е ова под пртитисок на меѓународниот фактор и зошто враќањето е по, а не пред извештајот останаа без појаснување. Можноста за прашања изостана.

Отсуството на најголемата опозициска партија тема и на средбата на Орав со пратеничките Грчева, Буралиева и Каровска.

„Жестока опомена дека ако брзо не се разреши политичката криза, Македонија веќе не може да се надева на напредување во европинтегративниот процес“, рече независната пратеничка Солза Грчева.

За западниот свет е сосема нормално да имате поинаков став од партискиот, впрочем и тоа што Орав лично ни го врачи извештајот, изјави Каровска, многу говори. 

„Самиот чин на лично врачување на извештајот од страна на Амбасадорот, јасно говори каков е односот кон нас“, смета пратеничката Роза Топузова- Каровска.

Средбата на евроамбасадорот Орав со лидерот на социјалдемократите Зоран Заев без можност да биде регистрирана со камера. Од прес центарот уследи соопштение во кое стои:

„Опозицијата останува отворена за дијалог, власта е таа којшто треба да се согласи со петте теми за разговор, за чијашто оправданост дополнителна потврда е вчерашниот извештај на Европскaта комисија.“

Извештајот од Бирсел најверојатно од понеделник ќе се најде пред матичните собраниски тела, а за на 16-те е веќе најавена седница во која тој ќе биде единствена точка на дневниот ред.

Виолета Димовска