Светска Банка

Ширењето на еболата закана за светската економија

10.10.2014 10:19

Светот можеби се наоѓа пред нова рецесија поради ширењето на еболата во Африка и недоволниот економски раст на земјите од Европа и Азија, истакнаат првите луѓе на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка, Кристин Лагард и Јим Јонг Ким.

Последиците од ширењето на еболата може да бидат катастрофални ако не се сопре епидемијата до крајот на годината, предупреди првиот човек на Светската банка Јим Јонг Ким. 

„Светската банка објави нова проценка за ефектот од еболата, кој вели дека ако епидемијата брзо не се запре и се прошири на околните земји, двегодишниот план за регионот може да достигне 32,6 милијарди долари до крајот на 2015-та. Тоа би било катастрофално за луѓето од регионот на Западна Африка“, рече Јим Јонг Ким, претседател на Светска банка.

Меѓународниот монетарен фонд освен еболата, како закана го гледа и недоволниот економски раст не земјите од еврозоната, коишто повторно можат да се најдат во рецесија. 

„Цврсто стоиме на ставовите дека инфраструктурата и инвестициите во неа можат да бидат добар начин за поддршка на економскиот раст на краток рок, со вработување на луѓето и лансирање големи инфраструктурни работи или обнова. Исто така на среднорочен план ќе има добар ефект за снабдувачите на материјали со нивно забрзано вклучување во проектите“, рече Кристин Лагард, директор на Меѓународниот монетарен фонд.

Македонија според експертите на Светска банка и ММФ, и покрај неповолното опружување успева да има континуиран раст и намалување на невработеноста.

„Македонија има силно досие на макроекономски менаџмент што овозможи земјата да има економски раст и во текот на кризата и паметен менаџментот на фискалната рамнотежа“, рече Елен Берштајн, известувач на Светска банка за Македонија.

„Мислам на Македонија и оди релативно добро, во споредба со некои соседни држави. Добро е што во многу тешко опкружување во последниве неколку години, Македонија имаше раст од 3-3,5%, иако ситуацијата со кризата е тешка“, изјави Ханс Тиме, главен економист на Светска банка за Европа и Централна Азија.

Климатските промени и најновите воени конфликти на Блискиот исток ќе имаат негативен ефект на светската економија, што особено ќе биде изразено наредната година, најавуваат од Светска банка и ММФ.

ММФ го прослави 70-сетиот роденден. Првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд, директорката Лагард побара од американскиот Конгрес да не го кочи донесувањето на законот со кој ќе може да се спроведат реформите на ММФ.

Ирина Гелевска