Прилеп: Богата програма и огномет за „11 Октомври“
Со повеќе манифестации и настани прилеп ќе го одбележи 11 октомври, денот на почетокот на народната револуција пред 73 години. Традиционален огномет, почит за жртвите и борците и посебен однос на прилепчани за празникот...

Прилеп подготвен за одбележување на 11 Октомври, денот на оруженото востание. Богата програма, а вечер традиционален импровизиран напад на градот и огномет– потсетување на историските настани пред 73 години. Прилепчани со посебен однос кон празникот.
„Ми значи, на децава им било празник. Така ги учевме, ги изнесувавме, се радувавме. Сега внуците ги шетаме и излегуваме“.
„Да горди сме“.
„Јас сум еден од потомците на Пере Тошев и затоа сум уште повеќе горд“, велат прилепчани.
Некогашниот Участак со чиј напад е означена Народната револуција, денес музеј „11 Октомври“, со историски час за посетителите.
„Најчесто доаѓаат ученици од основните училишта на нашиот град, исто така доаѓаат и ученици од основните училишта на населените места на општина Прилеп, а и од другите општини. Исто така, доаѓаат и туристи, организирано преку туристички агенции“, вели МилеСпиркоски, водич во музејот „11 Октомври“.
11 Октомври се доживува како втор Илинден.
„За време на целата антифашистичка револуција даде градот прилеп, преку 600 кои се закопани во Паркот на револуцијата, Могилата на непобедените. Поради тој факт, Прилеп е прогласен за град херој“, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Утре, на празникот, почит за жртвите и хероите на Паркот на револуцијата. Преку 2000 прилепски ученици под мотото „Со љубов за Македонија“ во центарот на градот ќе го формираат македонското знаме.
Елизабета Митреска
